Поранешниот гренд слем шампион, Стен Вавринка се повлече од Мастерс турнирите во Индијан Велс и Мајами за да продолжи со опоравувањето по повредата на коленото.
32-годишниот Швајцарец минатата сезона ја заврши во август по поразите во првото коло на Квинс Клаб и Вимблдон, по што се врати на тенисот на Австралија опен во јануари, каде што загуби во второто коло.
„Турнирите во САД се фантастични, но по операцијата и со толку малку мечеви, најдобро е да се фокусирам на физичката подготвеност и да продолжам со тренинзи. Мотивиран сум да се вратам вистински и на највисоко ниво“, вели Вавринка, кој во кариерата има три гренд слем трофеи.
По поразот во Мелбурн, Вавринка стигна до полуфиналето на Софија опен, но потоа загуби во првите мечеви во Ротердам и Марсеј.
Во Индијан Велс нема да играат ниту Французите Ришар Гаске и Жо-Вилфрид Цонга, исто така поради повреди.
Фото: ЕПА