Top Sport

Вавринка: Не уживам кога играм со Федерер, полесно ми е со Ѓоковиќ

Стен Вавринка може да се пофали со три гренд слем титули во кариерата, но своите најголеми успеси ги оствари не во своите рани 20-ти години, туку веќе кога беше искусен тенисер.

Тој ја освои првата гренд слем титула на 29 години победувајќи го Рафаел Надал во финалето на Австралија опен 2014. Вавринка потоа победи и на Ролан Гарос 2015 и на САД опен во 2016 и во интервју со „Хауте ливинг“ признава дека не било лесно да се игра со тенисери од „големата тројка“, Роџер Федерер, Надал и Новак Ѓоковиќ.

„Тоа беше најтешкото во мојата кариера, што сум во иста генерација како Федерер, Надал и Ѓоковиќ, кои победуваа секаде од млада возраст. Тоа беше тешко и никој не веруваше дека ќе најдам начин да ги победам. Тие беа речиси непобедливи и тоа беше вистински предизвик“, вели Вавринка.

Тој е добар пријател со освојувачот на рекордни 20 гренд слем титули, но вели дека не ужива кога мора да игра со него.

„Уживам во делот што добро се знаеме и сме добри пријатели, тоа е сигурно. Но, да се игра против него, секогаш ми било многу тешко. Повеќе сакам да играм со Ѓоковиќ, бидејќи таму можам да имам поголема контрола на играта. Но, ако сакаш да си најдобар, треба да ги победиш најдобрите“, вели Вавринка.

Scroll to Top