Top Sport

Вавринка пред мечот со Ѓоковиќ: Се надевам дека нема да ме убие

Швајцарскиот ветеран Стен Вавринка постави дуел во третото коло со седумкратниот шампион, Новак Ѓоковиќ, по што призна дека се надева дека нема „да биде убиен“ од ривалот со кого првпат се сретна пред 17 години.

38-годишниот Вавринка, самиот трикратен гренд слем шампион, со 6:3/4:6/6:4/6:2 го победи 29. носител, Аргентинецот Томас Мартин Ечевери за прв пласман во третото коло на „Ол Ингланд клубот“ од 2015, кога стигна до четврт-финалето.

Вавринка, кој е 88. на АТП листата по низата повреди, го има победено Ѓоковиќ шест пати во 26 меѓусебни дуели, но тие никогаш не играле на трева.

„Ќе уживам во тоа доколку не ме убие. Новак е неверојатен шампион и среќен сум што ќе имам шанса да играм со него тука пред да ја завршам кариерата. Предизвикот е огромен и морам да играм на високо ниво“, вели Вавринка.

Швајцарецот двапати го победи Ѓоковиќ во гренд слем финалиња – на Ролан Гарос во 2015 и на САД опен во 2016, а исто така го победи во четврт-финалето на Австралија опен во 2014 на патот до првата гренд слем титула.

„Тој ми зеде два грен слема. Тоа е неговата улога, да ме победи во две гренд слем финалиња. Стен е вистински човек, фантастична личност и инспирација за сите нас. Има речиси 40 години и уште е опасен. Тоа не можат да го направат многу луѓе“, изјави Ѓоковиќ.

Scroll to Top