Top Sport

Вавринка сигурен, Медеведев го „шутна“ Циципас

Шампионот од 2016 година, Стен Вавринка извлече тешка 7:6(5)/4:6/6:3/7:5 победа над Французинот Иго Умбер да обезбеди супер-дуел со Милош Раонич во третото коло на САД опен.

20-годишниот Умбер го намачи Вавринка, посебно во првите два сета, но искуството на Швајцарецот се покажа во финишот на мечот. Канаѓанецот Раонич со 6:3/6:4/6:4 го победи Французинот Жил Симон.

Русинот Данил Медведев пак, со 6:4/6:3/4:6/6:3 го совлада грчкиот тинејџер Стефанос Циципас, кој одличната форма во текот на летото не успеа да ја префрли на последниот гренд слем од сезоната. Медведев сега ќе игра со уште еден млад тенисер, Хрватот Борна Чориќ, кој со 7:6(4)/6:2/6:3 по 2 и пол часа го совлада Шпанецот Роберто Карбалјес Баења.

Финалистката од 2012 и 2013, Викторија Азаренка се пласираше во третото коло на САД опен по убедливата 6:1/6:2 победа над Русинката Дарја Гаврилова по час и 2 минути игра.

Белорусинката имаше предност во текот на целиот меч, и иако загуби два брејка, имаше дури 16 шанси за брејк, искористувајќи седум од нив за пласман во третото коло.

Таму е и Украинката Елина Свитолина, откако за само 68 минути со 6:2/6:3 ја совлада Германката Татјана Марија. Актуелната шампионка, Слоун Стивенс се врати од сет негатива за 4:6/7:5/6:2 победа над Украинката Анхелина Калинина, а ветеранката Венус Вилијамс со 6:2/7:5 ја совлада Италијанката Камила Џорџи.

Scroll to Top