Рафаел Надал ќе игра за својата 19-та гренд слем титула во недела на САД опен против талентираниот Русин Данил Медведев, откако двајцата релативно лесно победија во своите полуфиналиња на Флешинг Медоуз.
Надал го надмина „фрустрирачкиот“ прв сет за со 7:6(6)/6:4/6:1 да го победи Италијанецот Матео Беретини за по петти пат да игра во финалето во Њујорк. Шпанецот пропушти неколку брејк-топки во првиот сет, по што губеше со 4:0 во тај-брејкот, пред да го сврти мечот, да спаси две сет-топки и да доминира до крајот.
„Првиот сет беше навистина фрустрирачки бидејќи имав многу шанси пред тај-брејкот, по што имав среќа што не го освои сетот. Откако го преживеав тој момент, мечот целосно се смени и почнав да играм посмирено“, вели Надал.
Во финалето, Надал ќе игра со петтиот носител, Русинот Данил Медведев, кој до своето прво гренд слем финале стигна со 7:6(5)/6:4/6:3 победа над бугарскиот ас Григор Димитров.
„Конечно, тука сум по три сета. Пресреќен сум што ќе играм финале“, изјави Медведев, кој има фантастично лето и ова му е четврто финале во низа.
33-годишниот Надал ако победи во недела ќе се доближи на само една гренд слем титула од рекордот на Роџер Федерер. Тој го победи Медведев во финалето во Монтреал во нивниот единствен досегашен меѓусебен меч, а потоа не играше во Синсинати, каде што Медведев ја освои титулата.