Венус Вилијамс одамна не е во центарот на случувањата кога станува збор за тенисот, долго време нема освоено голем турнир, последниот гренслем го освои во 2008 година, а моментно е на 588. место на ВТА листа. Но, сепак, сѐ уште игра тенис, а наскоро ќе ја гледаме и на терените на Вимблдон. Не само што игра, туку и не планира да престане набрзо и покрај тоа што има 43 години.
„Никој никогаш не играл професионален тенис на 50 години. Ако некој може да се обиде да го направи тоа, тоа сум јас“, изјави повозрасната сестра Вилијамс пред почетокот на Вимблдон, каде што дебитираше во 1997 година, а првиот трофеј го освои во 2000 година.
Таа ја освои својата последна титула на ВТА турнејата на Тајван Опен во 2016 година.
Последната успешна сезона ја имаше во 2017 година, кога стигна до финалето на Австралија Опен, Вимблдон и на завршниот Мастерс.
„Играњето тенис е нешто што го правам цел живот, достигнав ниво кое ретко кој го постигна. На некој начин, тоа што сè уште играм е знак на благодарност за сѐ што сум направила. Сè уште многу уживам да играм тенис, иако не толку без Серена. Многу ми недостига“, изјави Венус Вилијамс.