Серена Вилијамс се врати од сет и брејк негатива за со 3:6/6:3/6:4 да ја победи Австралијката Ешли Барти за пласман во третото коло на Ролан Гарос.
Американката, која е трикратна шампионка од Франција опен, го игра првиот гренд слем турнир по раѓањето на нејзината ќерка во септември и по лесното прво коло против Кристина Плишкова, против Барти на „Филип Шартие“ беше многу поизрамнето.
22-годишната Барти го освои првиот сет со својата борбена игра, за да направи брејк и во првиот гем од вториот сет, меѓутоа, тогаш 36-годишната Вилијамс се врати силно со два брејка во вториот сет и еден во третиот за победа по час и 48 минути игра.
Во третото коло е и Германката Анџелике Кербер, која за точно еден час со 6:2/6:3 беше подобра од Романката Ана Богдан, покажувајќи дел од својата најдобра игра.
Пред 12 месеци, Кербер стана само петтата прва носителка во Опен ерата која загубила во првото коло, но овојпат таа стигна до третото коло и следна за неа е 18. носителка, Холанѓанката Кики Бертенс, специјалист за игра на земја.
Фото: ЕПА