Top Sport

Вимблдон финалето позади сцената – последна епизода

Вимблдон, недела, 10.07, некаде околу 16 часот по македонско време. Втор сет, петти геим: Новак губи 1-0 во сетови, а во вториот сет води со 5-3 во геимови и сервира запобеда во сетот и израмнување на 1-1 во сетови. Сепак, во неговиот геим губи 0-40. Ник е на праг да направи рибрејк и да се врати во сетот. Мртва тишина на Централ Кортот. Ноле го тапка топчето од трева, долго, предолго за моите нерви… Мора да се намести за што подобро да сервира и евентуално направи ас и го освои првиот од трите поена, со кои ќе изедначи во геимот и ќе си ја продолжи шансата да го добие геимот и сетот. Неговите навивачи немаат толку трпение, сакаат одма и сега тоа да се случи.

Во таа сабласна тишина, оддеднаш, во мојот дел од трибината, почнува да „пее“ нечиј мобилен. Се слуша одвратен звук на мутиран женски глас, ставен на форвард за да звучи како скери глас на мало девојче. Со еден збор опишан, хорор глас. Тоа се оние банери, кои како поп ап се појавуваат кога отварате некоја несигурна страница и ви се појавува видео анимација со аудио траг. Сите во чудо се вртат околу себе, прашувајќи се која е таа будала што токму сега ова го прави. И јас се вртам околу мене, да го пронајдам идиотот. На моето лице има и иронична, потценувачка, насмевка, како експресија на заедничкото прашање – на кого ова му се случува.

Како се вртам со погледот да го откријам лудакот, така забележувам како сите во мене гледаат. Два реда пред мене седи Саша Озмо од Спорт Клуб, кој „погледом ме пресеча ко мачем“. Оддеднаш сфаќам дека тоа мојот мобилен во џеп пее ли пее. Ноле и понатака продолжува да го тапка топчето од тревата. Среќа, па звукот до теренот не стигнува.

Целиот во паника го вадам мобилниот, збунет, посрамотен, не знам што да правам… Како му се исклучуваше тонот у п…. матер!? Рефлексно стискам на муте, но тој продолжува да пишти. Ми текнува – муте копчето ми е расипано веќе три години. Го вклучувам дисплејот за да го исклучам комплетно мобилниот, но процесорот споро се активира бидејќи апаратот е ставен на режим на штедење на батеријата. Секундите се развлекуваат како години, а јас конечно успевам да го исклучам мобилниот. Во тој момент, судијата се огласува на озвучувањето: 15-40. Ноле продолжува во истиот ритам, изедначува на 40-40. Успева да го добие геимот и сетот. Понатака, сè е историја и седма титула.


Мене сè уште не ми е јасно како тоа се случи, кога мобилниот уште на почеток на мечот ми беше ставен на муте, само на вибрација, која, исто така, не работеше, бидејќи режимот беше за штедење батерија. Па, мајку му, не сум толку аматер да одам да гледам финале на Вимблдон, а да не знам дека на мобилниот треба да му биде деактивиран звукот. Сепак, се случи. Чудно, страно, мистично… Но, уште по чудно и помистериозно ми е како токму на тој поен се огласи мојот мобилен!?

Затоа, единственото „рационално“ објаснувње ми е ако вчера постоеше некоја космичка сила, која сакаше да прати сигнал дека Ноле ќе победи, тоа беше токму преку звукот од мојот мобилен.

Ненад Живановски

Scroll to Top