Линдзи Вон вели дека добивала пораки да си го скрши вратот откако олимписката шампионка имаше критични изјави кон американскиот претседател Доналд Трамп.
33-годишната американска скијачка суперѕвезда минатата недела изјави дека сака да го претставува американскиот народ, но не и претседателот на Олимпијадата во февруари, и овие коментари не им се допаднаа на многу луѓе.
„Навистина боли кога ќе прочиташ коментари во кои луѓето посакуваат да си го скршам вратот или дека Господ ме казнува поради тоа што сум против Трамп“, напиша Вон на Инстаграм.
Најуспешната алпска скијачка на сите времиња, вели дека сакала да пренесе поента во интервјуто за „Си-ен-ен“ дека олимписките спортисти ги претставуваат своите нации, а не политичките партии или индивидуалци. Трамп, кој честопати одговара преку Твитер на вакви коментари, се нема јавено за Вон.
Американката, која освои злато во спуст во Ванкувер во 2010, но ги пропушти Игрите во Сочи во 2014 поради повреда, вели дека луѓето од Европа се зачудени од промените во САД.
„Купете весник или пуштете ТВ во Европа и ќе забележите дека се чудат на насоката која ја зема нашата земја. Мораме да се обидеме да внесеме малку разбирање и да побараме единство во светот“, додаде Вон.