Шампионката од Австралија опен, Каролине Вознијацки ја „смачка“ Германката Карина Витхефт, додека финалистката од Мелбурн, Симона Халеп имаше исто толку доминантен триумф над Русинката Екатерина Макарова во второто коло на Катар опен во Доха.
Вознијацки имаше 18 директни победнички топки и искористи шест од 12-те брејк топки за 6:2/6:0 победа над Германката за меч со Магдалена Рибарикова или Моника Никулеску. Светската тенисерка број 1, минатата недела стигна до четврт-финалето на Санкт Петербург опен, но може да го загуби првото место на ВТА листата оваа недела доколку Халеп има подобар турнир од неа.
Халеп, за која ова е прв турнир по поразот од Вознијацки во Мелбурн во јануари, со 6:3/6:0 ја победи Русинката Макарова за час и 11 минути. Романката спаси четири брејк-топки во првиот гем од вториот сет, по што лесно го комплетираше мечот.
Следна за неа е Летонката Анастасија Севастова, која со 6:4/6:1 ја победи Јапонката Наоми Осака. Двократната шампионка од Вимблдон, Петра Квитова се врати од сет негатива за 6:7(3)/6:3/6:4 победа над Агњешка Радвањска.