Top Sport

ВТА: Осака го презеде тронот, Ѓорческа напредуваше пет позиции

Наоми Осака официјално е број 1 на ВТА листата. 21-годишната Јапонка на светскиот трон се искачи по победата над Петра Квитова на Австралија опен.

Осака, која во Мелбурн ја освои својата втора гренд слем титула во кариерата, води на ВТА листата со 7.030 поени. Во чекор ја следи нејзината противничка во финалето на Австралија опен, Квитова со 6.290 поени.

Трета е Симона Халеп. Романката „падна“ од првото место, таа има 5.582 поени, а зад неа се Американката Слоун Стивенс со 5.307 поени и Каролина Плишкова од Чешка со 5.100 поени.

На најновата листа четири позиции назадуваше Анжелик Кербер од Германија (4.965 поени). Седмата позиција ја задржа Елина Свитолина од Украина (4.940), а осма е Кики Бертенс од Холандија (4.430).

Минатогодишната шампионка на Австралија опен, Каролин Вознијацки, назадува за шест места и се наоѓа на деветтата позиција (3.566). Топ 10 завршува со Арина Сабаленка од Белорусија (3.485).

Голем скок, од пет позиции, направи Серена Вилијамс. Американката сега е 11. на листата со 3.406 поени.

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа напредуваше пет позиции и се наоѓа на 381. место на ВТА листата со 91 поен.

Scroll to Top