Промоторот на Тајсон Фјури, Франк Варен, смета дека Енди Руиз се посрамотил со физичката состојба во која се наоѓал пред мечот за светската титула со Ентони Џошуа.
Руиз во саботата беше поразен од Џошуа. Инаку пред мечот тој бил тежок 128 килограми, поради што како што самиот признал не можел добро да се подготви за борбата. Џошуа во 12 рунди победи со едногласна одлука на судиите.
„Тое беше смешно, сите ги „превртуваа очите“ на мерењето. Тоа беше како да имате слон во собата. Руиз јуниор самиот се посрамоти, го посрамоти и спортот бидејќи не успеа да се подготви. Руиз на комичен начин остана без титулата. Сега е доцна да зборува дека премногу време се забавувал и да се жали дека имал премногу килограми. Тој имаше должност да биде подготвен поради публика која плати да го гледа мечот“, рекол Варен.
Тој смета дека неговиот боксер Тајсон Фјури би го победил Руиз порано од 12 рунда.
„Тајсон немаше да танцува околу Руиз, би ја завршил работата порано. Слушам дека Руиз изјавил дека го остварил сонот. Ако сонот му беше да ги освои титулите, а потоа да се здебели и да остане без нив во првата наредна борба, тогаш сонот му се остварил. Од крал во тешка категорија до Бургер-крал во рок од шест месеци“, заклучил Варен.