Top Sport

Зад технологијата во тенисот стои Македонец: Блаже Трифуновски е „закон“ на Вимблдон

Технологијата зазема сѐ поголемо место во спортот, а посебно е вклучена во тенисот. „Око Соколово“ веќе подолго време определува дали топчето излезе во аут, удри директно на линијата или остана во поле.

Главниот кој е задолжен за тоа е Македонец, Блаже Трифуновски. Тој е главниот човек кога е во прашање оваа област и технологијата без која модерниот спорт не може.

Работи на АТП буквално како координатор на комјутерските одлуки на линија.

„Сè што се случува поминува низ мои раце, јас го правам тренингот за сите луѓе кои се вклучени. Најважно е да оценувам како се суди, тоа значи дека кога го имаме тој систем еден службеник на АТП е секогаш таму каде што се користи системот за да контролира сѐ. Системот е независен и има различни компании. Овде ги имаме „Хок ај“, „Фокс Тен“ и „ИМГ“. Секојпат кога некоја компанија обезбедува услуги за играчите, мораме да имаме службеник да контролира дали сѐ е во ред, никој да не манипулира со системот и да не прави ништо незаконско. Така играчите можат да бидат сигурни дека сѐ е направено како што треба. Сѐ што е поврзано со тој систем, со турнирите, организацијата, колку терени имаме, колку луѓе се потребни, тоа го работиме во корелација со АТП. ​​Имам договор на гренслем турнирите и обично работам на Австралија Опен, Вимблдон и УС Опен бидејќи на Ролан Гарос засега нема систем за одлучување преку компјутер. Тоа е единствениот гренслем што не го работам“, вели Трифуновски.

Блаже има договор со АТП 20 недели годишно, од кои осум недели со гренслем турнирите. Тој ја напушти Македонија во 1994 година, кога замина во Нов Зеланд, каде што помина 15 години. Во душата, како што вели, сепак е Македонец.

„Тоа беше сосема, сосема случајно. Кога Југославија се распадна, додека сè уште живеев во Македонија, играв тенис рекреативно, но секогаш бев заинтересиран. Ги гледав мечевите и видов дека некој треба да суди, па се пријавив за таа работа. Кога се распадна Југославија, Македонија се обиде да биде дел од ИТФ и тие им рекоа дека мора да имаат судиска организација. Никој тогаш не знаеше што значи тоа, па ме прашаа дали можам да го организирам за нив. ИТФ, а потоа еден Словенец, дојде во Скопје и ни го даде првиот курс за судии. Тоа толку многу ми влезе во главата што реков дека ова е работа за мене, со многу патувања низ светот“, објаснува Блаже Трифуновски.

Scroll to Top