Организаторите на АТП-турнирот во Бризбејн се загрижени за настапот на Новак Ѓоковиќ, кој сѐ уште не потврдил официјално дека ќе учествува на овој турнир. Причина за такво нешто, според австралиските медиуми, е одлуката на Ѓоковиќ, прв турнир, по долгата пауза поради повредата на лакотот, да му биде егзибицијата во Абу Даби, кој на програмата е од 28 до 30 декември 2017 година.
Настапот во Абу Даби може да влијае врз неговата одлука за настап во Бризбејн, кој започнува на 31 декември и завршува на 7 јануари 2018 година. Овие стравови на организаторот на турнирот во Бризбејн веројатно немаат никаква основа бидејќи Ѓоковиќ е седми на АТП-листата, што значи дека би бил слободен во првото коло и на турнирот не би настапил пред 4 јануари.
Ѓоковиќ, кој претходно го потврди настапот во Абу Даби, рекол дека е возбуден што се враќа во Абу Даби, турнир што досега го освоил трипати.
Покрај српскиот тенисер, во Абу Даби ќе настапат Надал, Вавринка, Раониќ, Карењо-Буста, Тим.
Во Бризбејн не ја губат надежта дека освојувачот на 12 гренд слем титули ќе учествува на нивниот турнир.
Наградниот фонд на овој турнир изнесува 437.380 долари, а титулата ја брани Григор Димитров.