Игрите на 24. Зимска Олимпијада денеска завршија во Пекинг, на славниот стар стадион „Птичје гнездо“, ставајќи крај на една од најстудените Олимпијади (по температурите и по политичките односи), одбележана со спортски моменти за сеќавање и со неверојатна изолација и карантин во услови на пандемијата на КОВИД-19 во земјата од каде што вирусот потекна.
Пекинг стана првиот град во историјата кој бил домаќин на Летна и Зимска Олимпијада, и го предава олимпискиот оган на Милано и Кортина Д’Ампецо во Италија, каде што ќе се оддржат Зимските Игри во 2026.Пред тоа, ни следува и Летната Олимпијада во Париз, Франција во 2024 година.
Жанг Јимоу, познатиот кинески режисер, повторно беше задолжен за Свеченото затворање на Игрите, откако го режираше и свеченото отварање, но и двете церемонии на Летната Олимпијада во 2008 година.
Пред Игрите, САД предводеа бојкот на Игрите поради човековите права на етничките Ујгури во покраината Синџанг, на што Кинезите одговорија така што олимпискиот оган на стадионот беше запален од двајца млади спортисти – скијачката Динџир Џиламуџијанг, која потекнува токму од Синџанг и 21-годишниот Жао Џијавен во знак на единство.
Како што започнаа спортските натпреварувања, дел од спортистите се жалеа на стриктните ограничувања поради коронавирусот, како и на смрзнувачките температури на планините во близина на Пекинг, каде што се оддржуваа натпреварите во нордиско скијање и биатлон.
Во спортските арени, повторно беа доминантни Норвежаните со 37 освоени медали, од кои 16 златни, со своите ѕвезди биатлонецот Јоханес Тингнес Бое со 4 златни медали и едно сребро, како и крос-кантри „кралицата“ Терезе Јохауг, која заврши со три злата. Финска го прослави своето прво злато во хокејот на мраз во отсуство на НХЛ играчи, додека Швајцарците доминираа во алпското скијање.
Не недостасуваа и скандали. Уметничкото лизгање, грациозниот класичен спорт беше потресен по позитивниот допинг-тест на 15-годишната Русинка Камила Валиева и одлуката да и се дозволи настап. Таа не успеа да стигне до златото, предавајќи го тронот на нејзината сонародничка Ана Шчербакова. Американците пак, беа „навредени“ од Ајлин Гу, девојката родена во Калифорнија која освои две злата за Кина во фристајл скијањето и стана вистинска ѕвезда во земјата домаќин.