Наградниот фонд на првиот грен-слем во сезоната, Австралија опен, оваа година ќе изнесува 71 милиони долари, што е за 13,6 отсто повеќе во однос на 2019 година. Во однос на 2007 година наградниот фонд е речиси три пати поголем.
„Како и секоја година посебно внимание и посветивме на играчите кои ќе испадна во раната фаза од турнирот. Ќе продолжиме во овој правец, сакаме да им обезбедиме на што е можно поголем број на играчи финансиски сигурна кариера“, рекол директорот на турнирот Крег Тили.
Интересно, иако е зголемен наградниот фонд, победниците во сингл, во машка и женска конкуренција, ќе заработат по 4,12 милиони долари, колку што изнесуваше наградата и во 2019 година.
Процентуално најмногу се зголемени наградите за поразените во првото квалификациско коло, за 33,3 отсто. Поразените во оваа фаза ќе заработат 20.000 долари.
За пораз во првото коло тенисер или тенисерка ќе добијат по 90.000 долари.
Повеќе пари за 13 отсто ќе добијат полу-финалистите. Пласменот меѓу најдобрите четири ќе се наградува со 1,04 милиони долари.
Австралија опен на програмата ќе биде од 20 јануари до 3 февруари. Титулите ќе ги бранат Новак Ѓоковиќ и Наоми Осака.