Top Sport

ЗОИ: Финците ги разочараа домаќините за четврт-финале со Канада

Хокеарската репрезентација на Јужна Кореја ги заврши натпреварувањата на домашната Олимпијада, откако Финска ги победи со 5:2 во „Гангнеунг“ хокеарскиот центар во Пјонгчанг, за да обезбеди дуел со шампионите Канада во четврт-финалето.

Финците поведоа со 3:0 на почетокот на втората третина, пред Корејците да се вратат со два гола и да ја „вжештат“ атмосферата. Освојувачите на две сребрени медали на ОИ, ја зацврстија играта во одбраната во последната третина, за победа. Петри Контиола имаше два гола во ситуација со играч повеќе за нордијците, додека Брок Рагдунске и Ан Џин-хуи беа стрелци за Кореја.

Дуелот меѓу Финска и Канада без првите хокеарски ѕвезди на нациите (Барков и Лаине за Финска, Крозби и Мекдејвид за Канада) поради отсуството на НХЛ играчите нема да биде од толку  голем профил, но сепак, е најинтересно од четврт-финалињата.

Ако публиката беше побучна на дуелот на домаќините, поинтересниот меч беше меѓу Германија и Швајцарија, две израмнети репрезентации. Јаник Зајденберг постигна гол по 32 секунди во продолжението за 2:1 победа за Германија и дуел со првите носители Шведска.

Леонард Фодерл постигна гол во регуларниот дел за Германија, додека голманот Дени аус ден Биркен имаше 20 одбрани на голот. Поранешниот НХЛ голман, Јонас Хилер имаше 23 од 25 одбрани за Швајцарците, кои погодија преку Симон Мостер, но немаа многу шанси во нападот.

Во другите две четврт-финалиња во среда, Чешка игра со САД, додека Русија ја пречекува Норвешка.

 

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

САД – Словачка 5:1

Словенија – Норвешка 1:2

Финска – Јужна Кореја 5:2

Швајцарија – Германија 1:2

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ (СРЕДА)

Чешка – САД  04.10 ч.

Олимписки спортисти од Русија – Норвешка 8.40 ч.

Канада – Финска 13.10 ч.

Шведска – Германија 13.10 ч.

ЗОИ Пјонгчанг: Норвешка во четвртфиналето на хокеарскиот турнир (видео)

Scroll to Top