Top Sport

ЗОИ: Норвешка со скокачка титула, „мустаклијата“ Јохансон најуспешен (видео)

Норвешка уште еднаш покажа дека го има најдобриот тим во скијачки скокови, откако по доминацијата во Купот на нациите, го обезбедија и златото во Пјонгчанг.

Квартетот Даниел Андре Танде, Андреас Стјернен, Јохан Андре Форфанг и Роберт Јохансон собраа вкупно 1.098,5 поени за убедлива победа пред Германците со 1.075,7 и Полјаците со 1.072,4 поени.

За Германија во составот беа шампионот од малата скокалница, Андреас Велингер заедно со Рихард Фрајтаг, Штефан Лајхе и Карл Гајгер, додека за Полска скокаше шампионот од големата скокалница и од „4 скокалници“, Камил Стох, заедно со Мациеј Кот, Стефан Хула и Давид Кубацки, со што ниту еден скокач нема да си замине од Пјонгчанг со две злата.

Од друга страна, Роберт Јохансон кај Норвежаните го освојува третиот медал, по двете бронзи на малата и големата скокалница, додека Форфанг имаше сребро на малата скокалница. Со ова Јохансон, кој покрај своите квалитети на скии има и фантастични мустаќи, е најуспешниот скокач во Пјонгчанг.

Scroll to Top