Актуелните олимписки шампиони, Канада по неочекуваниот пораз од Чешка, се вратија на добар пат за одбрана на титулата, откако со 4:0 ги совладаа домаќините, Јужна Кореја во последниот натпревар по групи во групата А.
На првиот турнир без НХЛ играчи од Нагано 1998 година, Канада е предводена од повеќе играчи со некакво искуство во НХЛ лигата, така што останува меѓу фаворитите за медал. Четирите гола за Канада ги постигнаа поранешни НХЛ играчи – Кристијан Томас, Ерик О’Дел, Максим Лапјер и Жилбер Бруле.
Претходно, Чешка со 4:1 ја победи Швајцарија за да го обезбеди првото место и директен пласман во четврт-финалето на олимпискиот турнир.
Во групата Ц, Шведска и Финска, соседите и старите познаници играа за првото место во табелата, и нордиското дерби им припадна на „трите круни“ со тесна 3:1 победа.
Поранешниот играч на Едмонтон оилерс, а сега на Ак Барс Казан во КХЛ лигата, Антон Ландер донесе водство за Швеѓаните во финишот на првата третина, пред Финците да израмнат преку уште еден поранешен НХЛ играч, Јонас Кемпанаинен. Херој за Швеѓаните беше хокеарот на Сибир, Патрик Закрисон, кој го реши мечот во последната третина, пред Оскар Молер да додаде гол во празна мрежа за конечни 3:1.
Германија осигура Норвешка да ја заврши групата со три порази во три меча, откако „дербито на дното“ го доби со 2:1 со гол во продолжението.
Со завршувањето на натпреварите по групи познати се првите четири четврт-финалисти – Чешка, Шведска, Русија и како најдобро-второпласирана Канада, додека другите осум тима ќе се сретнат во „плеј-оф“ за пласман во четврт-финалето.
ГРУПА А
Чешка – Швајцарија 4:1
Канада – Кореја 3:0
Табела: 1.Чешка 8, 2.Канада 7, 3.Швајцарија 3, 4.Кореја 0
ГРУПА Ц
Германија – Норвешка 2:1
Шведска – Финска 3:1
Табела: 1.Шведска 9, 2.Финска 6, , 3.Германија 2, 4.Норвешка 1
ПЛЕЈ-ОФ ЗА ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
САД – Словачка
Словенија – Норвешка
Финска – Кореја
Швајцарија – Германија
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Чешка
Олимписки спортисти од Русија
Шведска
Канада