Руската карлин федерација во четвртокот објави дека Александар Крушелнитскиј и Анастасија Бризгалова ќе ги вратат бронзените медали освоени во мешани двојки на натпреварот во карлинг, на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг.
Русите се решиле на ваков чекор откако пред три дена Крушелнитскиј падна на допинг тестот.
„Судот секако ќе реши да ни го одземе медалот“, рекла портпаролката на карлонг федерацијата на Русија, Валентина Паринова.
„Сепак мора да признаеме дека неговиот тест бил позитивен на мелдониум, поради тоа ќе ги вратиме медалите“, дополнила таа.
Александар Крушелнитскиј, во вторникот, не се појавил на сослушувањето по повод допингот, а Русите покренале и криминалистичка истрага поради овој случај.
Руската мешана двојка во карлинг, во борбата за бронзениот медал, ја победија норвешката двојка Магнус Недреготен и Кристин Скаслијен со 8:4.
Недреготен по информацијата дека рускиот натпреварувач паднал на допинг тестот побара од Интернационалниот олимписки комитет да ја повтори церемонијата на доделување на медали, бидејќи тој и неговата партнерка треба да го почувствуваат моментот на слава.
Интернационалниот олимписки комитет, во декември, ја суспендира Русија од Игрите во Пјонгчанг по истрагата дека во земјата постоел систем за допинг кој бил спонзориран од државата. Меѓутоа сите руски спортисти кои ги исполнија критериумите добија дозвола за настап, но се натпреваруваат под олимпиското знаме и под името Олимписки спортисти од Русија.