Швајцарија го освои златниот медал во алпската тимска трка во Пјонгчанг, дисциплина која првпат е на Олимпијадата, победувајќи ги Австријците со 3:1 во големото финале.
Дуелот ги постави една против друга двете најдоброрангирани алпски нации, во трка во која четири скијачи се тркаа на слаломската патека директно еден против друг во нокаут-формат.
Денис Фаерабенд, Рамон Ценхаузерн, Венди Холденер и Даниел Јуле ги победија Германците во четврт-финалето и Французите во полуфиналето за да обезбедат мега-дуел со австрискиот тим во состав Катарина Линсбергер, Михаел Мат, Катарина Галхубер и Марко Шварц. Линсбергер победи во првата трка за Австрија, но потоа Ценхаузерн, Холденер и Јуле стигнаа до три победи за злато.
„Мислам дека е прекрасно што оваа дисциплина е на Олимпијадата, бидејќи скијањето е индивидуален спорт, а сега сите заедно се боревме за Швајцарија“, вели Јуле.
Холденер со златото сега има целосен „комплет“ на медали од Пјонгчанг – таа освои сребро во слаломот и бронза во алпската комбинација.
Во борбата за третото место, Норвешка и Франција беа израмнети со по две победи (2:2), но медалот отиде кај Норвежаните, откако Леиф Кристијан Нестволд-Хауген беше за 0.12 секунди побрз од Клемен Ноел во последното возење.