Top Sport

Зверев го победи Надал – Кралот на Ролан Гарос елиминиран во првото коло

Рафаел Надал, освојувачот на 14 титули на Ролан Гарос, го заврши настапот на вториот грен слем во сезоната во првото коло. На „Филип Шатрие“, по три часа и пет минути игра Надал загуби од Александар Зверев со 3:6, 6:7, 3:6.

Зверев, четвртиот носител на турнирот, беше подобар од моментално 275. на АТП листата, Надал.

Уште по ждрепката беше јасно дека на Надал му претстои многу тешка работа. Тој доби пеколен ривал и не успеа да триумфира.

Зверев одлично го отвори мечот, го доби првиот гем со нула на сервис на Надал, а потоа го потврди брејкот – 2:0.

Во продолжение борбата беше изедначена, Надал во ниту еден момент не се доближи до брејк.

Од друга страна, Зверев се обиде неколку пати, но Надал успеваше да се извлече.

Сепак, константниот притисок на Зверев му се исплатеше, успеа да направи уште еден брејк во девттиот гем и поведе со 1:0 во сетови.

Во вториот сет Надал прв направи брејк, а птооа и го потврди за 4:2. Зверев не се предаде, во 10. гем при 4:5 успеа да го врати брејкот.

И двајцата беа сигурни во продолжението, па вториот сет беше решен со тај брејк, кој му припадна на германецот со 7:5.

Третиот сет беше можеби најинтересен. Надал беше сигурен на својот сервис, а потоа направи брејк (2:0).

Сепак, не успеа долго да ја заржи предноста, Зверев веднаш возврати во третиот гем, а потоа одлично сервираше за 2:2.

Петтиот гем траеше нешто повеќе од 15 минути. Зверев имаше четири брејк топки, но Шпанецот ги спаси сите и успеа да се извлече. Но тоа беше последниот гем во третиот сет што успеа да го освои. Зверев до крајот освои три гема, два на сервис на противникот и го заврши мечот.

„Еден специјален момент за мене да почувствувављобов од овие луѓе на местото кое најмногу сакам. Честитики до Саша за овој одличен меч, за оваа одлична победа. Ти сакам се најдобро понатаму на турнирот. Јас минав две тешки години поради повредите, успеав да се вратам овде, но за мене не заврши добро. Играв добро, но против ваков противник тоа не беше доволно. Не мпжам да тврдам дека нема да се вратам на Ролан Гарос. Се уште имам свои цели. Сакам на овој терен да се вратам на Олимписките игри“, рече Надал.

На трибините на „Филип Шатрије“ многу познати личности го следеа мечот Надал-Зверев. Меѓу другите тука беа Новак Ѓоковиќ, Карлос Алкарас и Ига Швјонтек.

Scroll to Top