Германскиот тенисер, Александер Зверев (22) моментно петтиот светски тенисер одлучи да ја прекине соработката со тренерот Иван Лендл (59). Одлуката на Германецот е непосредно пред почетокот на АТП турнирот во Хамбург.
Зверев подолг период е незадоволен со тренерските способности на чешко-американската тениска легенда, а за се прозборе по испаѓањето уште на стартот на Вимблдон.
„Понекогаш Лендл во текот на тренингот ми раскажуваше како играл голф и како си купил ново куче. Тие му се главни теми“ – вели Зверев.
Лендл во текот на кариерата освои 94 турнири, од кои 8 гренд-слем наслови.
„Верувам во Саша, кој се уште е многу млад. Мислам дека може да стане извонреден играч, но моментно има проблеми надвор од тенисот, што го оневозможува работењето со него“ – смета Лендл.
Нивната соработка траеше помалку од една година, а најголемиот успех на Германецот под тренерската палка на Лендл е победата во финалето на АТП Мастерсот во Лондон во 2018 година.