Александер Зверев ја доби битката во пет сета против Русинот Карен Хачанов за да влезе во своето прво гренд слем четврт-финале, а во втората недела на Ролан Гарос е и австрискиот специјалист за игра на земја, Доминик Тим, по победата во четири сета над Кеи Нишикори.
21-годишниот Германец Зверев по третпат едноподруго на Франција опен играше меч во пет сета за пласман меѓу најдобрите осум победувајќи по 3 часа и 29 минути со 4:6/7:6(4)/2:6/6:3/6:3 во возбудлива пресметка во Париз.
Зверев скокна до третото место на АТП листата оваа година и покрај релативно скромниот учинок на гренд слем турнирите, со пласман во четвртото место на Вимблдон како најдобар успех. Сега, Зверев е најмладиот четврт-финалист во Париз по Хуан Мартин дел Потро, кој имаше 20 години во 2009 година. 22-годишниот Хачанов се покажа како уште еден млад тенисер со многу талент во себе, а неговата игра е посебно опасна на земја.
Следен за него е уште еден опасен тенисер на земјена подлога, Австриецот Тим, кој ја надмина кризата во четвртиот сет за да стигне до 6:2/6:0/5:7/6:4 победа над Јапонецот Кеи Нишикори.