Германскиот тенисер Александар Зверев даде свое мислење за случајот со допинг скандалот во кој е вмешан Јаник Синер.
Италијанецот беше суспендиран на три месеци, но инсистираше дека вината не е негова, туку на тимот што работи со него.
Во секој случај, Зверев смета дека казната не е соодветна.
„Тоа е чудна ситуација бидејќи процесот беше долг и прво го ослободија, но потоа ВАДА сакаше да разгледа случајот. Ако мене ме прашувате, има две опции. Не сте виновни и не добивате суспензија. Не треба да бидете казнети. Но, ако сте виновни, мислам за земање стероиди..“, рече Зверев и дополни.
„Треба да утврдите дали е негова вина или не. Ако не е, тогаш не треба да биде казнет три месеци. Но, ако е, тогаш ова е чуден начин. Целиот процес, целата ситуација во изминатата година е едноставно чудна.
Да потсетиме, Германецот минатиот месец беше поразен во финалето на Австралија опен во дуелот против Синер.