Фото/ facebook.com/rkalkaloid
Ракометниот клуб Алкалоид од Скопјe е победник на ЕХФ Еврокупот, објави Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Според одлуката на ЕХФ, реваншот од финалето е регистриран со службен резултат 10:0 за Алкалоид, по одлуката на грчки АЕК да не излезе на теренот, во дуелот што требаше да се оигра на 25. мај во Скопјe.
Алкалоид го доби првиот натпревар во Атина со 29:25, со што го освои трофејот со две победи во финалето.
„Ракометниот суд на ЕХФ ја донесе својата прва одлука во врска со случајот покренат по откажувањето на реваншот од финалето на Еврокупот помеѓу РК Алкалоид и РК АЕК Атина, првично закажан за 25. мај во Скопјe.
Ракометниот суд утврди дека АЕК бил должен да го одигра закажаниот натпревар. Со одбивањето да го стори тоа, клубот ги прекршил релевантните прописи на ЕХФ и затоа е одговорен“, соопшти ЕХФ.
„Првиот финален натпревар заврши со победа од 25:29 за Алкалоид. Затоа, Алкалоид е победник на Еврокупот за мажи за сезоната 2024/2025, вклучувајќи ги сите последици и придобивки што произлегуваат од оваа титула. Секоја жалба против овие одлуки нема да има суспензивен ефект“, се вели во соопштението.
Одлуката се однесува само на аспектите на случајот поврзани со натпреварувањето, а во тек се посебни дисциплински постапки поврзани со одбивањето да се игра натпреварот, поврзаната компензација и распределбата на билетите, се додава во соопштението.
АЕК може да поднесе жалба до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум дена.
Ракометарите на АЕК одбија да играат бидејќи на грчките навивачи кои немаа билети за натпреварот не им беше дозволено да влезат во арената „Борис Трајковски“, иако претходно беше објавено дека за навивачите на АЕК биле обезбедени само 200 билети од безбедносни причини.
Не е прв пат оваа сезона АЕК да биде вклучен во инциденти, откако натпреварот против Партизан во Белград не се одигра на 30 март поради немири. Како домаќин, Партизан мораше да игра во реваншот од четвртфиналето во Шумен, Бугарија, и загуби по изведување пенали.
Еврокупот е трето по ранг европско клупско ракометно натпреварување, по Лигата на шампионите и Европската лига.
Алкалоид стана третиот македонски клуб со европска титула. Претходно Кометал Ѓорче Петров во 2002 година и РК Вардар во 2017 и 2019 година триулфираа во Лигата на шампионите.