Поранешниот ракометар на Металург и Вардар, Лука Циндриќ ја напушта Барселона. Каталонски „Спорт“, објави дека клубот го известил репрезентативецот на Хрватска дека ќе го раскине договорот со него и дека може да си бара друг клуб.
Ваквата одлука на Барселона, пишува „Спорт“, била поттикната од бројните повреди на Циндиќ, а истиот извор ја цитира изјавата на поранешниот легендарен голман на Барса, сега спортски директор Давид Баруфет, дека Хрватот поминал повеќе време на велосипедот за вежбање отколку на теренот.
Исто така, Спорт пишува дека раскинувањето на договорот со хрватскиот репрезентативец значително ќе ја олесни финансиската состојба во клубот. Покрај Циндриќ, Барселона на позицијата среден бек ги има неодамна потпишаниот Пол Валера од Гранољерс и Словенецот Домен Макуц. Дополнително, во Барселона веруваат дека оваа позиција успешно можат да ја покријат Словенецот Блаж Јанц и Французинот Мелвин Ричардсон, па дури и Дика Мем.
Циндриќ во Барселона пристигна во 2019 година од Кјелце и потпиша договор до 2023. Пред три години потпиша нов подобрен договор со Каталонците до 2025 година.
Циндриќ со Барселона досега освои две титули во Лигата на шампионите, три шампионски титули во Шпанија, три Купа на кралот, три Лига купа, сезоната во клубот сигурно ќе ја заврши со уште една домашна титула, а тие се и фаворити за уште еден трофеј во Лига на шампиони.
Циндриќ беше клучен играч на Вардар во походот кон европската круна во 2017 година, а потоа ЕХФ го избра за играч на годината.