Никола и Лука Карабатиќ можаат да се фокусираат на ракометот и на своите семејства, откако скандалот со местење и обложување во 2012 конечно стигна до свој епилог.
Откако француската држава заврши со својот случај во февруари со пресуда за казна од 10.000 евра и два месечна условна казна затвор, Француската ракометна лига (НХЛ), конечно, дојде и до своја одлука. 33-годишниот Никола Карабатиќ доби шест меча суспензија во сите национални натпреварувања, а 29-годишниот Лука Карабатиќ има четири меча суспензија, од кои два има отслужено претходно. Двете казни можат да бидат „трансформирани“ во добротворна работа.
Со ова се отвара можност тие без проблем да настапат на Европското првенство во Хрватска од 12 до 28 јануари со тимот на Франција.
„Одлуката носи мала воздишка на опуштеност. Не беше лесно“, изјави нивниот агент Бахти Онг за Л’Екип.
Браќата Карабатиќ беа меѓу 16-те обвинети за местење на нивниот меч од француската лига меѓу Монпеље (каде што играа тогаш) и Сесон во мај 2012 година. Во случајот беше обвинета и сопругата на Никола, Жералдин Пије, како и шест други играчи на Монпеље – Самуел Хонрубија, Младен Боиновиќ, Драган Гаиќ, Исам Теж, Микаел Робан и Примож Прост.