Хрватскиот ракометар Иван Чупиќ, десното крило на скопски Вардар по враќањето на својата селекција во татковината ги искажа импресиите по одиграниот шампионат.
„Не може да е добро кога не отидовме во четвртфинале, одигравме многу лош меч со Данска и резиме на се е дека требаше и можеше подобро. Ни фалеше од се по малку, и одбрана, транзиција напад, играчи, помалку повреди. Не треба да се бара алиби затоа што овој резултат е нашата реалност“ рече Чупиќ за хрватските медиуми по доаѓањето во Загреб.
Хрватскиот репрезентативец одигра на Мундијалот помалку од 2 часа, а своето најдобро издание го имаше против Аргентина (Хрватска доживеа пораз од „Гаучосите“), со 7 гола. Играчот за кој се споменува дека ќе го напушти „црвено-црниот“ дрес и ќе се врати во редовите на Загреб го прогнозираше и изгледот на финалната двојка на шампионатот.
„Норвешка се подигнува, Франција се мачи, но секогаш е Франција, Данците изгледаат самоуверено и моќно, Шпанците знаат да играат важни мечеви и тоа се главните 4 фаворити. Ги гледам Данците и Норвежаните како најголеми фаворити иако ќе одлучува една топка“ смета хрватскиот ракометар.