Top Sport

Циндриќ: Червар не кажа дека поради него пола година одев по судови

Сега веќе поранешниот хрватски ракометен селектор Лино Червар по завршувањето на Мундијалот за неговата селекција и по враќањето во татковината изјави дека Циндриќ тој го открил, но кога му треба во составот – него го нема.

Ракометарот на Барселона, Лука Циндриќ кој голем дел од Мундијалот пропушти поради повреда на видео-подкаст за „Balkan Handball“ ја раскажа својата страна на приказната.

„Сигурно Лино имаше голем придонес за мојата кариера, тој ми овозможи да отидам во Металург, но ги чекав своите 5 минути. Лино не кажа дека поради него и Металург пола година не играв и одев по судови. Прашање беше дали ќе ја продолжам кариерата. Најтешкиот период од мојата кариера беше кога бев на суд со Металург затоа што не сакаа да ми дадат исписница. Беше тогаш лоша атмосферата, клубот се распаѓаше, плати немаа играчите по 4-5 месеци, сите играчи добија исписница, само јас не добив. Искрено, не знам која е причината. Не ме плаќаа и пола година бев без клуб, тоа ми беше многу стресен период. Клубот ми остана должен пари, но тоа не е важно“ рече Циндриќ.

Ракометарот сметал дека Лино Червар кој тогаш беше на тренерската позиција во клубот од скопска Автокоманда можел да се заангажира за својот сограѓанин.

„Да ме пуштеа одма, ќе играв за ППД Загреб, вака се вратив дома во Огулин и повремено одев на тренинзи во Карловац. Тие 6 месеци не добивав плата, а во договорот убаво пишуваше дека договорот можам да го раскинам ако 2 месеци не земам плата. Кога дојдов по исписницата, ми рекоа дека може да ме отпишат, но само ако некој клуб плати добра отштета“ раскажа Циндриќ кој најголемите успеси во кариерата го постигна во друг македонски клуб – поранешниот европски шампион, Вардар.

Scroll to Top