Top Sport

Циндриќ и Кјелце ја прекинаа победничката низа на Вардар (галерија)

Победничката серија на Вардар заврши. Поранешниот европски шампион, кој досега доминираше во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата, беше сопрен на тешкото гостување во Полска кај Вива Кјелце, кои предводени од Јурецки и од поранешниот „црвено-црн“ Лука Циндриќ, кој даде дури осум гола, победија со 31:27.

Мечот беше жесток и двете екипи добија по еден црвен картон. Прв нервите ги загуби Вуко Борозан, кој по еден остар старт веќе во 14. минута доби директен црвен картон. Потоа следуваше и остриот дуел на Шишкарев, кој направи остар фаул над поранешниот вардарец, Алекс Душебаев, кој доби црвен картон за реакцијата.

Домаќините почнаа со серија од 3:0, и предноста ја одржуваа во текот на целиот меч, а посебно се одвоија во последните десетина минути од натпреварот.

Циндриќ имаше осум гола, додека Михал Јурецки додаде пет. Словенецот Сташ Скубе беше прв најрасположен за Вардар со шест гола, исто колку што имаше и Дибиров.

И покрај поразот, Вардар останува при врвот во групата А со осум поени, исто како и Кјелце и Барселона, најавувајќи лута битка во остатокот на Лигата.

Во другите мечеви од ЛШ, Пари Сен-Жермен на Раул Гонзалес стигна до тешка, но заслужена 26:24 победа кај данскиот Скјерн, додека ППД Загреб беше „потопен“ во Украина кај Мотор, губејќи со 35:27. Унгарското изненадување оваа сезона, Пик Сегед со 30:28 го совлада германскиот Флензбург.

Фото: ЕПА

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 5.КОЛО

Скјерн – Пари Сен-Жермен 24:26 (10:12)

Мотор Запорожје – ППД Загреб 35:27 (17:13)

Пик Сегед – Флензбург 30:28 (15:14)

Виве Кјелце – Вардар 31:27 (16:15)

 

 

Scroll to Top