Ракометниот сојуз на Црна Гора со соопштение ги отфрли тврдењата дека носењето на зелени дресови во мечот против Србија на Европското првенство во ракомет било провокација, туку само „нормален избор на дресовите“.
Црна Гора ги заврши настапите на ЕП со два порази, но со прва победа на Европските првенства, и тоа против Србија, меч во кој репрезентативците носеа зелени дресови, кои во Србија беа протолкувани како провокација по законот за верски заедници, откако зелено беше знамето на комитското движење, кое од 1916 до 1929 година се бореле за независна Црна Гора.
„Одлуката за бојата на дресовите со кои репрезентацијата ќе настапи на ЕП е донесена уште во септември минатата година, при посетата на компанијата ’Хумел’ кога во Данска е склучен договор за четири гарнитури дресови – бела, црвена, зелена и црна. Беше планирано во еден од мечевите во главната фаза повторно да се настапува во зелен дрес, така што неточни се тврдењата дека се работи за политичка причина, бидејќи изборот е направен одамна. Зошто зелена боја? Таа се наоѓа на подлогата на штитот на државниот грб, и логично е да преовладува. Исто така комитското знаме е дел од нашата историја од која не се срамиме“, се вели во соопштението на федерацијата пратено до „Вијести“.