Селекторот на ракометната репрезентација на Данска, Николај Јакобсен, одговори на обвинувањата дека неговата репрезентација ги пуштила Французите да победат, во последното коло од втората фаза на Европското првенство.
Данците, против Франција, имаа предност од пет гола на 13 минути до крајот на мечот, а во последните пет минути влегоа до предност од три гола. На крајот Франција победи со еден гол и се пласираше во полу-финалето.
Победата на Франција го елиминира Исланд од борбата за медали.
„Го дадовме максимумот против Франција. Стојам зад овие мои зборови. Немаат врска приказните дека намерно загубивме за да играме против Шпанија, а не против Шведска. Шпанија е одличен микс на младост и искуство со одличен тренер. Истото може да се каже и за Шведска. Не гледам логика за такви обвинувања. Најважно ни беше да се пласираме во полу-финалето“, рекол Јакобсен.
Полу-финалните натпревар на Еп во ракомет ќе се одиграат вечерва. Данска, во првото полу-финале од 18 часот, ќе игра против Шпанија. Второто полу-финале, Франција-Шведска ќе започне во 20.30 часот.