Данска ја совлада Македонија со „астрономски“ 31:20 за да го потврди првото место во групата 2 на ЕП во Хрватска и пласманот во полуфиналето, завршувајќи го нашиот настап на првенството, на кое имавме и блескави партии, но и помалку блескави моменти.
Шансите на Македонија за пласман во полуфиналето, или барем за борба за 5. место беа завршени по несреќниот пораз од Чешка, така што дуелот со Данска беше за престиж и уште еднаш да се обидеме првпат да го добиеме моќниот противник, иако очигледно за тоа немаме доволно сили.
Во првото полувреме покажавме дека можеме да играме гол-за-гол со противникот, откако 30-те минути ги завршивме со 12:12, но на почетокот на второто полувреме, Данците направија предност од четири гола, која на крајот се покажа како одлучувачка.
Мечот го апочнавме со игра гол-за-гол со силните Данци, и до шестата минута беше 5:5, пред повторно да влеземе во период во кој не успевавме да направиме нешто конкретно во нападот, дозволувајќи Данците да се одвојат на два разлика.
Во второто полувреме, Данците „влегоа“ во втора брзина и по само седум минути игра направија предност од 17:13. Кузмановски врати со два гола за да ја намали предноста на два гола, но доминацијата на фаворитите за златото во Хрватска продолжија во ист ритам и стигнаа до убедливата победа.
Филип Кузмановски беше најефикасниот во нашата репрезентација со шест постигнати голови, додека по четири додадоа Дејан Манасков и Столе Стоилов, додека во данската „машина“ најдобро функционираше Михаел Дамгард Нилсен, кој ни даде дури 11 голови, а Андреас Закариасен беше втор најефикасен со 5 голови.
?? vs ?? Center back Rasmus Lauge Schmidt flies against the Macedonian goal in the last day of the Main Round in Varazdin. Watch it again!
@rfmhandball @dhf_haandbold#ehfeuro2018 #hypnoticgame pic.twitter.com/0R24C9V2tV— EHF EURO (@EHFEURO) January 24, 2018
Македонија сега во сабота го чека противникот во квалификациите за Светското првенство во 2019 година, со многу прашања околу иднината на составот со кој ќе играме по повредата на капитенот Кирил Лазаров.
Настапот во Хрватска дефинитивно не може да се опише како неуспешен, бидејќи главната цел, пласманот во втората рунда беше обезбеден со блескави победи над Словенија и Црна Гора, и уште подобро реми против моќните Германци. Под селекторот Раул Гонзалес, Македонија покажа иновативна игра, но очигледно е дека ја немаме „ширината“ на големите репрезентации со голем избор на играчи за борба за медали. Секогаш со нашите фанови, беа неколкуте илјади македонски навивачи, во Загреб и во Вараждин.