Директорот на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Владимир Темелковски, на Фејсбук се огласи по повод гестот на Стојанче Стоилов, кој синоќа ја напушти церемонијата на која Агенцијата за млади и спорт им ги додели наградите на најдобрите во 2018 година.
„Најважното и најсветото спортско мото е дека во спортот нема раса, религија или националност“, му порачува Темелковски на Стоилов, кој заминал бидејќи манифестацијата „Спортист на годината“ била двојазична.
Темелковски потенцира дека некои спортисти заборавиле дека на политиката, расната и половата дискриминација не им е местото во спортот и дека не им е местото во спортот на оние што презентираат омраза и нетолеранција.
„Срамен и низок чин денеска од поранешен добитник на најсветата награда Спортист на годината и огромна навреда за сите присутни спортисти и добитници. Нека му е на чест наградата која што му ја поклони АМС минатата година, за која што гласаа и Македонци и Албанци и Роми и Власи, нека ја чува гордоста на теренот“, напишал директорот на МКФ.
На крајот Темелковски му порачува на Стоилов дека со „ситни интриги и манипулации ќе собере само поени и внимание на кратки патеки“.
фото на насловна: facebook/macedonianbasketball
Стоилов демонстративно заминал од изборот за „Спортист на годината“