Раул Гонзалес повеќе не е селектор на ракометната репрезентација на Македонија. Ракометната Федерација на Македонија (РФМ), преку својата интернет страница информира дека двете страни договориле спогодбен раскин на договорот.
„Земајќи ја предвид потребата машката А-селекција да има стратег кој секојдневно ќе биде посветен и во тек со сите збуднувања поврзани со репрезентацијата, како и оддалеченоста и професионалните клубски обврски на досегашниот селектор, обете страни пријателски и фер се сложија околу прекинувањето на соработката.
Би сакале да му се заблагодариме на “Ел команданте” за досегашното работењe со нашиот А-тим и му посакуваме се најдобро: многу успеси и многу титули во иднина. Иако ќе ни недостасува неговата смиреност и тактичност на клупата, продолжуваме секој со своите предизвици кон нови победи“, стои во соопштението на РФМ.
Раул Гонзалес, кој со Вардар успеа да ја освои Лигата на шампионите, за селектор беше назначен во 2017 година. Тој Македонија ја преводеше на две големи натпреварувања, ЕП во 2018 и СП во 2019 година.