Елверум губеше со пет гола разлика во второто полувреме, но успеа да се врати за 30:30 (13:15) реми со фаворизираните Пари Сен-Жермен во првиот меч од осминафиналето на ЕХФ Лигата на шампиони.
Гостите поведоа од стартот и на полувреме имаа два гола предност (13:15), која ја зголемија на пет гола (15:20) по само пет минути во второто полувреме. Норвешкиот тим не се предаде и предводен од Томас Солстад остана во игра, за потоа во последната секунда да обезбедат реми против ПСЖ, кои остануваат фаворити за пласман во четврт-финалето.
Солстад, кој се повреди во последните минути од мечот, заврши со 9 гола, Ерик Јохансон додаде седум гола, додека најдобар играч на Парижани беше Камил Сипжак со фантастични 11 гола.
Вечерва на програмата е второто осминафинале помеѓу Флензбург и Пик Сегед, додека утре РК Вардар го пречекува стариот познаник Веспрем во Скопје.