Ракометарите на Еурофарм Пелистер остварија победа со осум гола разлика (37:29) против Татран Прешов во првиот четвртфинален натпревар од СЕХА лигата. Тоа е солидна предност во пресрет на реваншот кој ќе се одигра во Словачка. Татран Прешов дојде со само 13 ракометари, но всушност победата ја заслужија избраниците на Јовиќ и на Шундовски со добрата игра. Победникот од двомечот ќе патува на завршниот Ф4 турнир.
Македонскиот претставник имаше предност во текот на целиот натпревар. Со голот на Данецот Хенеберг, „зелените“ набилдаа шест гола позитива (14:8), но во финишот Татран Прешов намали на само три пред одморот (20:17).
Во второто полувреме, сепак, Еурофарм Пелистер одигра ефикасно во нападот, ја зацврсти одбраната и на крајот стигна до триумф од осум гола, 37:29.
Ненад Костески беше најефикасен со десет гола, а осум погодоци постигна Себастијан Хенеберг со максимален ефект на шутот.