Еурофарм Пелистер во вториот меч од осминафиналето на СЕХА лигата пред својата фантастична публика успеа да стигне до 24:22 (13:10) победа над хрватскиот Нексе Нашице, но тоа не беше доволно да се надополни поразот од три гола разлика на гости, што значи дека нема да има македонска пресметка со Вардар во четврт-финалето.
Тимот на Жељко Бабиќ тргна многу лошо, дозволувајќи им на гостите да направат предност од 2:5, но тогаш следуваше кам-бекот и по 17 минути игра, битолскиот клуб првпат беше во водство (8:7). До полувремето, Пелистер успеа да стигне до посакуваната разлика од три гола (13:10).
Во второто полувреме оваа разлика порасна и на четири гола (18:14), пред Нексе да се врати и да израмни на 21:21 на шест минути пред крајот. Јотиќ и Ѓукиќ со два брзи гола донесоа 24:22 предност на домашниот тим, но вториот обид на Јотиќ во последната минута беше непрецизен.
Ловро Јотиќ со пет гола беше најефикасен за Еурофарм Пелистер, додека по три имаа Остроушко и Маџовски, додека кај Нексе, Томислав Северец со пет гола беше најдобриот стрелец.
Фото: СЕХА лига