Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва (18.45 часот) на домашен терен во Битола го пречекуваат хрватскиот тим Нексе во реваншот од осмина-финалето на Европската лига. Со негатива од три гола (26:29) по првиот меч во Нашице, избраниците на Жељко Бабиќ ќе мораат да одиграат речиси совршен натпревар доколку сакаат да се пласираат во следната рунда од ова натпреварување.
„Пелистерци“ ќе имаат огромна поддршка од ведната публика во Битола, со оглед дека сите билети за салата „Боро Чурлевски“ беа распродадени експресно, за еден час.
„Ќе има многу борба, а ние ќе се обидеме да се вратиме од трите гола негатива. Се надеваме дека ќе бидеме победници. Во Хрватска одигравме динамичен натпревар. Треба да се очекува пеколна атмосфера, да ја искористиме предноста на домашен терен и да се вратиме од негативата која е три гола. Ни значи враќањето на капитенот, ама ова е колективен спорт. Периќ е лидер и капитен, па мислам дека може да ни помогне“, изјави Елмир Граџан.