Top Sport

Филип Кузмановски се врати во Еурофарм Пелистер

Македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски (27) до крајот на сезоната ќе го носи дресот на актуелниот шампион Еурофарм Пелистер.

Трансферот, клубот од Битола го потврди на социјалните мрежи. Претходно, сега веќе поранешниот клуб на Кузмановски, Вецлар, објави дека спогодбено се разделил со македонскиот репрезентативец.

„Ни претставува особена чест и задоволство да ја информираме јавноста дека од денес нов член на Еурофарм Пелистер е македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски. Процесот на обединување на македонските репрезентативци и квалитетни странски засилувања продолжува и враќањето на нашиот поранешен член е одлука која оди во тој правец. Кузмановски е дете на Пелистер, сите ракометни чекори ги направи во Битола и доби афирмација во нашиот дрес“, објави клубот.

Кузмановски од Пелистер се пресели во Металург, кратко играше во Еурофарм Работник, па се одлучи за интернационална кариера. Кузмановски избра германски предизвик и ја искуси Бундеслигата. Една сезона го носеше дресот на Магдебург, па три сезони настапуваше за Хановер, а од јануари годинава го носеше дресот на Вецлар.

Филип Кузмановски наскоро ќе му се стави на располагање на стручниот штаб и неговото деби се очекува деновите во Суперлигата и Лигата на шампионите.

Официјалното претставување на Кузмановски како нов ракометар на Еурофарм Пелистер е закажано за понеделник 20 ноември.

Scroll to Top