Шпанскиот тренер на РК Вардар, Роберто Гарсија Парондо е нов технички директор на египетската репрезентација, потврдија од националната федерација, со надеж дека ќе го поправи пласманот на следното СП, откако оваа година Египет заврши на осмото место.
Гарсија Парондо заедно со „црвено-црните“ оваа сезона направи историски успех, пласирајќи го по третпат Вардар на фајнал фор турнирот во ЕХФ Лигата на шампионите, и по завршувањето на обврските со македонскиот клуб ќе почне со подготовките на Египет за Африканското првенство во 2020 година, но и домашното СП во Египет во 2021 година. Засега поради нејасната иднина на РК Вардар, исто така не е јасно дали тој можеби ќе остане во поранешниот европски шампион.
Гарсија Парондо е втор екстренер на Вардар на клупата на Египет, откако таму работеше и поранешниот помошник на Раул Гонзалес, Давид Дејвис. Пред трансферот во Египет околу шпанскиот тренер имаше многу шпекулации, а имаше и отворени понуди од Русија, Унгарија и Полска.