Поранешниот хрватски селектор, Славко Голужа ги предупреди домаќините на Европското првенство да не се сметаат за фаворити на турнирот, но во исто време им порача на Србите да не очекуваат многу на отварањето на првенството утре во „Спаладиум арената“.
Голужа и покрај големото внимание кое го предизвикува мечот со кој се отвара шампионатот и апелите за културно навивање, признава дека тоа не е „обичен меч“.
„Секогаш велиме дека тоа е ист натпревар како секој друг, но знаеме дека не е така. Секогаш има посебна атмосфера. Во себе секогаш имаш некој немир. Сигурно нема да ги пречекаме со аплаузи, но очекувам пристојно навивање и не сакам фрлање на парички или шишиња како што беше во Белград“, вели Голужа за „Н1“.
Сепак, тој додава дека тимот на Лино Червар не може да се смета за фаворит за златниот медал и покрај предноста на домашниот терен.
„Да бидеме реални, за врвот треба да се сложат многу коцки и затоа треба да се оди натпревар по натпревар. Еден меч ве крева високо, но може и да ве фрли во бездна. Треба да се остане скромен и со двете нозе на земја. Ме радува враќањето на Домагој Дувњак, бидејќи тој може да биде главен лидер. Фаворити? Секако, Французите“, вели Голужа.