Ракометната репрезентација на Холандија ќе биде вториот ривал на Македонија на Мундијалот, а денеска од 18 часот ќе одигра натпревар против Аргентина во кој ќе ја лови историската прва победа на светските првенства.
Вчера деби победи забележаа Зеленортските Острови и Иран, а денеска истото го посакува и Холандија. Таа на СП дојде со вајлд карта, а тимот од клупата го предводи легендарниот Швеѓанец Штафан Олсон.
Оваа репрезентација по 62 години се враќа на СП. Првиот и единствен настап на СП го имаше во 1961 година во Германија, а потоа доживеа огромен дебакл. Холандските ракометари беа поразени во два натпревари, од Германија со 33:7, а потоа и од Франција со 21:11 и го завршија турнирот како 11-ти од 12 земји.
Овојпат тие на турнирот доаѓаат како репрезентација во многу поинаква атмосфера околу тимот. Важат за една од нациите каде ракометот е во нагорна линија, а на последните две европски првенства ги освоија 17. и 10. место.