Top Sport

Хрватите и Србите „наострени“ за првиот дуел на ЕП

Хрватскиот репрезентативец Домагој Дувњак, кој беше прогласен за најдобар играч на пријателскиот натпревар со Црна Гора во Сплит, вели дека едвај чека да почне Европското првенство и да се „судрат“ со Србија во „Спаладиум арената“.

Дувњак, кој по подолга пауза се врати во „погон“, очекува мега-меч против Србија, иако предупредува дека тие имаат „одличен тим“.

„Нормално, ќе влеземе во мечот подготвени бидејќи мораме Европското првенство да го отвориме со победа. Ќе има феноменална атмосфера во Сплит, сигурен сум  во тоа“, изјави Дувњак.

Подготвени се и во српската репрезентација, иако знаат дека влегуваат како аутсајдери во мечот. Најдобриот српски ракометар, Петар Ненадиќ вели дека се работи за „меч на животот“.

„Не ни треба дополнителна мотивација кога играме против Хрватите во Хрватска. Повеќето наши играчи немаат искуство во такви мечеви, во таква атмосфера. За некои тоа ќе биде искуство повеќе, но за некои како мене, меч на животот. Знам дека според последните години, ние сме аутсајдери и така не оценуваат“, вели Ненадиќ, кој игра во Фуксе Берлин.

Ненадиќ се осврна на изјавата на хрватскиот голман Мирко Алиловиќ дека „Србија не е велесила“.

„Имаат апсолутно право да зборуваат така – имаат 20 полуфиналиња последните 15 години. И јас да сум на нивно место, ќе зборував така. Играат дома, и го имаат тоа право“, додава Ненадиќ.

Мечот се игра на 12 јануари на отварањето на ЕП.

Scroll to Top