Ракометната репрезентација на Македонија во подмладен состав вечерва го почнува настапот на Светското првенство. Норвежаните се можеби преголем залак за избраниците на селекторот Кире Лазаров, но секако дека нашите ракометари ќе бидат максимално мотивирани да прикажат добра игра.
Томислав Јагуриновски вели дека новиот систем на игра прилега на младоста и полетноста што го краси нашиот национален тим и верува во добри игри на Мундијалот.
„Норвежаните играат одличен ракомет, имаат несомнен квалитет. Сеопак, мислам дека можеме да одиграме добар натпревар и во некој сегмент да ги изненадиме. Ми се допаѓа овој систем, ми одговара побрзата игра. Ако ја подобриме малку и одбраната, можеме до успеси. Нема да калкулацираме на стартот, секако дека ќе се обидеме да ја изненадиме Норвешка“, изјави Јагуриновски.
Дуелот меѓу Норвешка и Македонија е закажан со почеток во 20.30 часот, а претходно во нашата група силите ќе ги одмерат Аргентина и Холандија.