Top Sport

Карабатиќ ги „реши“ Германците во последна секунда, Франција до бронзата (видео)

Франција го освои бронзениот медал на Светското првенство во ракомет во Германија и Данска, откако во драматична пресметка за третото место во Хернинг со 26:25 ја победи Германија, целосно расипувајќи им го домашниот шампионат за кој „маншафт“ имаше големи амбиции.

А сè започна како што се надеваа Германците – во текот на првото полувреме тие ја имаа предноста во поголемиот дел, за во финишот да зголемат на четири разлика (16:12). Меѓутоа, второто полувреме целосно им припадна на тимот на Дидие Динар, кои направија целосен пресврт и последните 20-тина минути одржуваа гол предност.

Сепак, финишот на мечот беше драматичен, откако Германците успеаја да израмнат на 25:25, оставајќи го последниот напад за „триколорите“. Човек на одлука, како многупати за Французите беше Никола Карабатиќ, кој постигна гол во последната секунда за утешна бронза.

Кентин Мае повторно беше најдобар стрелец на Франција со седум гола, додека за Германците шест имаше Уве Генсхајмер.

Во 17.30 часот во Хернинг за златото ќе играат вториот домаќин Данска и нивниот нордиски ривал, и аутсајдер во оваа пресметка, Норвешка.

Scroll to Top