Top Sport

Карабатиќ: Играме премногу натпревари во една сезона

Еден од најдобрите ракометари на сите времиња, Никол Карабатиќ, го крена гласот поради густиот распоред што го имаат клубовите во текот на сезоната. Карабатиќ има 35 години, а последните четири сезони е играч на ПСЖ, каде веројатно ќе се пензионира. Во кариерата овој среден бек ги освоил сите клупски и репрезентативни трофеи.

„Господата што го водат ракометот се водат со мислата дека доколку луѓето е се интересираат за ракометот доколку ние играме повеќе. Јас не се согласувам со тоа. Квалитетот нема да се подобри доколку играме по 70 натпревари во сезоната“, им порачал Карабатиќ на челниците на Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) и Европската ракометна федерација (ЕХФ).

Францускиот ас не смета дека проблем се големите натпреварувања (секоја година се игра по едно, а на секои четири години по две), туку смета дека има премногу клупски мечеви во сезоната.

На пример неговиот клуб ПСЖ во првенството на Франција ќе треба да одигра 26 натпревари, потоа сигурно 14 во Лигата на шампионите, но веројатно е дека во елитата клубот ќе одигра 18 или 20 натпревари, а тука се и мечевите во Купот на Франција, потоа подготовките за Европското првенство и самото првенство.

ИХФ и ЕХФ засега немаат намера да прават измени во календарите, во непарните години се игра светско, а во парните европско првенство.

Ова значи дека во 2020 година не очекува Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска, потоа Олимписките игри во Токио, а во јануари 2021 година ќе се игра Светското првенство во Египет.

Scroll to Top