Top Sport

Карачиќ го раздвижи Вардар, Мешков Брест падна во Скопје

Ракометарите на Вардар, во шестото коло, ја забележаа петтата победа во А-групата, во Лигата на шампионите. Вечерва црвено-црните го победија шампионот на Белорусија Мешков Брест 30:23 (14:14).

Мешков Брест успеа да му пружи добар отпор на Вардар, но не и да ја оспори победата на Вардар.

Се мачеа црвено-црните, особено во првото полувреме, кога најчесто предноста се менуваше на двете страни. Белорусите беа во игра по првиот дел бидејќи играчите на Вардар не играа добро во одбраната.

Во вториот дел Игор Карачиќ ја раздвижи екипата во нападот, а решавачки беше периодот од 40. до 45.минута кога со серија од четири гола Вардар се „одлепи“ на 25:20.

Карачиќ го одигра ако не најдобриот, тогаш еден од најдобрите свои натпревари во дресот на Вардар. Хрватскиот репрезентативец постигна 11 гола, за кои потроши само 14 топки. Карачиќ со оваа своја изведба ја истакна кандидатурата за најдобар играч во ова коло.

Ефикасни беа и крилните играчи Тимур Дибиров и Иван Чупиќ, двајцата постигнаа по шест гола.

Голем придонес во победата даде и новиот голман Калифа Гебдан, кој забележа 10 интервенции.

Наредниот викенд Вардар ќе ја пречека екипата на Барселона.

Scroll to Top