Иако на фајнал фор турнирот од ЕХФ Лигата на шампионите во Келн повторно нема германски клуб на разочарување на домашната публика, ЕХФ купот сигурно завршува во Германија по полуфиналните натпревари.
Кил со 32:26 (16:14) го совлада данскиот Холстебро, додека Фухсе Берлин со 24:20 (12:8) беше подобар од Порто, за двата клуба да закажат состанок во утрешното големо финале на фајнал фор турнирот кој се игра во Кил.
Кил имаше лош старт на мечот, откако ТТТ Холстебро поведе со 3:1, но домашниот тим успеа да се врати и да направи пресврт за 13:9 водство, кое подоцна дојде и до седум гола пред данскиот клуб да се врати на шест гола.